Не знам како е кај вас, но кај нас дома веќе полека почнуваме да зборуваме за пишување писмо до Дедо Мраз. Да, моите деца се големи и веќе не веруваат во Дедо Мраз, но ова е периодот кога си ги бираат подароците и е време за исполнување желби кај мајка што секогаш има фокус на потреби. 🙂
Минатата година, кога се спомна писмото, ми помина една мисла низ глава:
да ги поканам децата да ми се приклучат во пишувањето на Писмо #Благодарам до годината што поминува. Тоа писмо го пишувам традиционално на крајот на секоја година.
Искуството беше интересно и повеќе од вредно за да го повториме и оваа година. Не беше лесно, не им текнуваше веднаш и ова не е најзабавниот процес за деца, НО беше одлична рефлексија. Беше повикување на сè што било добро, како и на лекциите кои треба да си ги понесат во новата година. Минатата година ја поканив и целата #Благодарам заедница да се приклучи. И оваа година повторно ја потворам поканата.
Во продолжение е големата идеја. 💡
На крајот на годината природно е да се размислува за сè што поминало. Во овој период секоја година пишувам Писмо #Благодарам 202Х и размислувам за лекциите што ми ги донела годината.
Зошто да напишете Писмо #Благодарам 2025?
Оваа едноставна навика стана драгоцен дел од мојот живот. Не само што ми помага да ги рефлектирам настаните, туку ме исполнува и со благодарност за лекциите, големи и мали, кои ме направиле Ана која сум денес. Чувството е одлично: да освестиш колку растеш и се менуваш со текот на времето. За мене е многу важно и да проверам дали се движам во насоката што ја сакам, дали #ЛиченИЗБОР правам јас или…
Затоа те поканувам и тебе да се приклучиш на оваа традиција.
Напиши Писмо #Благодарам 2025, а можеш да ги поканиш и твоето дете/дечињата. Ако го започнавте ова минатата година, те поттикнувам да ги поканиш на нова дружба. Ова е прекрасен начин да научат што значи благодарност и колку се важни животните лекции.
Што учат децата со ова?
Со ова мало писмо децата учат нешта што не се учат во училиште:
како да размислат за својот ден, својот успех или својот предизвик (рефлексија),
како да го именуваат тоа што го чувствуваат (емоционална свесност),
како да забележат убави моменти што лесно се забораваат (меморија за добрите работи),
и како да бидат поврзани со родителот преку разговори што топлат.
Тоа е ритуал кој не изгледа голем, но остава трага што расте заедно со нив.
КАКО да се напише Писмо #Благодарам 2025 (заедно со децата)
Еве неколку едноставни чекори:
Започнете со благодарност:
Сите запишете по 3 нешта за кои сте благодарни од оваа година (бонус – напишете под секоја благодарност и зошто).Размислете за научените лекции:
Кое искуство ве научи највредна лекција?
Што научи ти/твоето дете? Што ве направи посилни, помудри, пољубезни или...?Кажете им на другите #Благодарам:
Помислете на некого што направил разлика во вашиот живот оваа година и заблагодарете му се за поддршката или добрината.
💡 ИДЕИ за инспирација
Ако ти е потребна дополнителна помош, еве неколку прашања од интерактивната книга #Благодарам кои можат да бидат инспирација:
• Кое сеќавање беше најсреќно оваа година и зошто?
• Кој момент со семејството ви донесе најмногу радост?
• Кои се оние мали работи што ги прават деновите големи?
• Кој предизвик ве научи нешто важно?
• Што беше тешко на почетокот, а потоа стана лесно?
Овие прашања ќе ви помогнат да имате квалитетни разговори, да ги препознаете важните моменти и да креирате среќни сеќавања на кои со насмевка ќе се навраќате.
Повеќе идеи има во интерактивната книга #Благодарам и 50+ идеи #Благодарам.
Одвојте една вечер, соберете се сите заедно и напишете ги писмата. Можете да напишете и едно семејно писмо. Ова е одличен начин да видиме што сè имаме во животот што е благослов, а годината да ја завршиме исполнети со благодарност.
Ако ти се допадне ова, може да стане и семејна традиција.
Ако се одлучите да се вклучите, би се радувала од 💛 да го слушнам вашето искуство (од оваа а можеби и од минатаат година). Пишете ми или означете ме на социјалните мрежи, така ќе поттикнеме и други да се приклучат и да ја негуваат благодарноста.
Ајде заедно да ја шириме магијата на #Благодарам!
За крај…
Сакам да те повикам да размислиш за заменување на дел од чоколадите во новогодишните пакетчиња со КНИГА.
КНИГАТА е 🎁 кој може да се отвора одново и одново. Со купување на некоја од книгите 🎁 добивате и електронско пакетче #Благодарам. А дел од средставата се враќаат назад во заедницата преку интерактивни работилници и донации на едукативни книги и материјали за државните училишта и градинки.
Со твојот #ЛиченИЗБОР – ти стануваш дел од мисија што шири благодарност, свесност и позитивен став во нашата заедница.
Нарачката можете да ја направите на www.AnaSaltirova.mk.


